Со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во импровизираната судница во затворот „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Досега, во текот на судскиот процес, обвинителството презентираше серија докази за инспекциските надзори за угостителска дејност кои биле спроведувани од страна на Општина Кочани.
Во доказниот сет беа презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за вршење заеднички инспекциски и теренски надзори. Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои според нив се релевантни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред трагедијата.
Воедно, пред судскиот совет беа презентирани планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу, кој од 2012 до 2017 година беше директор на оваа институција.
На едно од претходните рочишта беа изведени и докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои се однесуваа на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс”, планот за надзор и обезбедување, дозволата за работа, листата на вработени, како и доказен материјал обезбеден од извршени претреси во канцеларии и возила.
Претходно, Обвинителството презентираше докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката. Во судницата беа изведени и документи за правниот статус на објектот согласно урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот од објектот кој се третирал како бесправен, записници од извршени надзори, договор за закуп, како и записник од одземени предмети и документи во дискотеката по пожарот.
Презентирани беа и фотографии од внатрешноста на дискотеката „Пулс“ по нејзиното реновирање, а кои биле обезбедени од вештачењето на мобилниот телефон на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителството нагласи дека во институциите нема никаква официјална документација.
Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката, во судницата се прочита записник од извршен вонреден надзор каде се утврдени неправилности — дека објект со одобрение за лесна индустрија со години се користел како дискотека без одобрение за пренамена. Изведен беше и документ од 2012 година со кој Општина Кочани барала од Министерството за економија да не се издава лиценца за работа бидејќи паркинг просторот е наменет за лесна индустрија, а не за ноќен клуб.
Одбраната на обвинетите во досегашниот тек на постапката реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и побара тие да не бидат изведени, оспорувајќи ја самата законитост на нивното прибирање.
Покрај ова, Обвинителството презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети на лице место — од лични документи, лаптопи, каса со пари, па сè до 140 влезни билети во кочан на дискотеката, Договор за патролно осигурување меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“, како и записник од инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

