Ненадејно почина градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски. Веста за неговата смрт ја потврди претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој преку социјалните мрежи упати сочувство до семејството и граѓаните на Брвеница.
Мицкоски во својата објава истакна дека Илиевски бил чесен и посветен човек кој секогаш работел во интерес на граѓаните.
„Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница. Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати“, напиша Мицкоски.
Премиерот додаде дека Илиевски ќе остане запаметен по неговиот искрен пристап и спортски дух.
„Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат. Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце“, се вели во објавата.
На крајот, Мицкоски упати порака на поддршка во овие тешки моменти и вети дека неговото дело нема да биде заборавено.
„Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа. Јоцо на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да биде заборавен. Вечен спомен!“, стои во соопштението на Мицкоски.

