Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесуваше 48.779 денари, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според официјалните податоци, априлската нето-плата во однос на истиот месец минатата година е повисока за 7.3 проценти.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на растот на платите во три клучни сектори. Во финансиските дејности и дејностите на осигурување зголемувањето изнесува 27 проценти.
Пораст е забележан и во секторот снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9.4 проценти.
Трговијата на големо и трговијата на мало, како и поправката на моторни возила и мотоцикли бележат раст од 9.2 проценти.
Статистиката регистрира зголемување на просечната нето-плата и во споредба со претходниот месец, односно март годинава.
Овој месечен раст најмногу се почувствувал во финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде зголемувањето изнесува 20.1 проценти.
Во трговијата на големо и на мало и поправката на моторни возила растот е 2.1 проценти, додека во административните и помошните услужни дејности платите пораснале за 2 проценти.

