Албанската полиција ќе соработува со хомологните структури во соседните земји со цел да се гарантира безбедноста за време на претстојната туристичка сезона.
Директорот на Одделот за јавен ред и безбедност при албанската државната полиција, Димитраќ Зиу, соопшти дека за оваа намена ќе бидат потпишани договори за соработка со важност за периодот на летната сезона.
„Меѓународната полициска соработка за летото ќе биде со Македонија, Косово, Црна Гора и Италија. Нашата полиција ќе обезбеди заеднички патролни служби, со овие земји, чии полицајци ќе доаѓаат во нашата земја, а се во интерес на туристите. Заедничките патроли ќе бидат долж крајбрежјето но и на најфреквентните патни правци“, изјави Зиу.
Покрај човечките ресурси, на терен ќе биде вклучена и најсовремена опрема за контрола на сообраќајот.
„Во текот на туристичката сезона, радарите и најсовремената технологија ќе бидат на патиштата за да го следат движењето и сообраќајот на возилата, за да се спречат прекршувања на сообраќајните правила и прописи. Од брегот до главните национални оски, структурите на Државната полиција и нивните колеги од соседните земји, ќе бидат во состојба на готовност во текот на летната сезона за да обезбедат ред и да спречат инциденти“, посочи тој.
За непречено одвивање на сезоната, албанските власти мобилизираат и значителен дел од сопствениот кадар. Според Зиу, најмалку 1.600 албански полицајци, од неколку различни структури, ќе бидат распоредени на терен.
„Државната полиција презеде план мерки за непречено одвивање на туристичката сезона, каде што на терен ќе бидат распоредени 1.600 полицајци. Овие полицајци се од специјалната единица „Шќипоња“, сообраќајната полиција, оперативните сили и Националните безбедносни сили“, изјави Зиу.
Во областите кои се сметаат за попроблематични, предвидено е дополнително зголемено присуство на полициски сили, како и отворање на привремени полициски станици.

