Скопје од денеска до 26 јуни е домаќин на Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка, која годинава се одржува под мотото „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“. Настанот е во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На свеченото отворање се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, кој порача дека и покрај бројните искушенија со кои се соочува човештвото, постојат луѓе кои во себе го носат мирот како најголема вредност.
-Ние не сме имуни на силите на историјата, но сепак не сме ниту беспомошни пред нив. Наша обврска е на секоја братоубиственост да одговориме со братољубие, на секоја екслузивност со инклузивност или како што советува царот Давид „да престанеме да зборуваме за мир, кога срцата ни се полни со зло и немир“. И навистина наоѓајќи се соочен со денешните длабоки предизвици, светот има потреба не само од стратегии за мир, туку и пред се од луѓе чии срца се исполнети со мир божји и не само да зборуваме за мирот, туку и да кажеме „Господ е нашиот мир“ како што истакнува светиот апостол Павле. Тогаш, и нашите дела, зборови и помисли, ќе станат вистинско сведоштво дека мирот одозгора може да се вкорени и да владее на земјата, на неа да завладее Божјата волја за мир во секој човек и мир меѓу сите луѓе. Знаејќи во какви времиња невремиња живееме, сите се прашуваме „Зошто ли во светот има толку многу немири и војни? Зошто народите се во судири и семејствата се разделени, а луѓето се повознемирени?“ Всушност, мораме да признаеме дека немирите и судирите за жал не се ништо ново под сонцето – рече г.г. Стефан.
На присутните им се обрати и поглаварот на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема Шаќир Фетаи, кој нагласи дека меѓурелигискиот дијалог останува клучен механизам за надминување на поделбите и зајакнување на довербата меѓу луѓето.
-Политичка реакција! Тој е дел од нашата верска обврска и од нашиот институционален идентитет. Многу години наназад градиме односи на почит со другите верски заедници засновани врз комуникација, меѓусебно почитување и соработка. Во општество со длабоки историски чувствителности, дијалогот го гледаме како превенција, а не како реакција, како долгорочна инвестиција во довербата, стабилноста и соживотот. Меѓурелигискиот дијалог не е луксуз, ниту само идеал за иднината. Тој е морална неопходност и историска одговорност на нашето време – рече Фетаи.
Конференцијата важи за една од најзначајните меѓународни научни платформи посветени на религискиот дијалог, мирот, толеранцијата и соработката меѓу различни културни и верски заедници. Годинава на неа учествуваат 79 професори, научници, истражувачи, верски лидери, дипломати и експерти од повеќе континенти.
Според податоците на организаторите, во претходните пет изданија одржани во периодот од 2019 до 2025 година учествувале вкупно 424 учесници од 48 земји, со што конференцијата се позиционирала како една од најпрепознатливите платформи за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог во регионот.
Меѓу најистакнатите гости се проф. Масимо Интровиње од Италија, основач и директор на Центарот за проучување на нови религии (CESNUR), проф. Пабло Аргарате од Австрија, носител на УНЕСКО катедрата за интеркултурен и меѓурелигиски дијалог за Југоисточна Европа, проф. Џејмс Кеј од САД, поранешен декан и потпретседател на Princeton Theological Seminary, проф. Балаш М. Мезеи од Унгарија, проф. Марк К. Ли од САД, кој е и главен предавач на конференцијата, како и амбасадорот на Казахстан во земјава, Сатубалди Буршаков.
Покрај нив, на собирот учествуваат и научници и истражувачи од САД, Канада, Израел, Иран, Тајван, Аргентина, Холандија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и други држави од Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка.
Во текот на конференцијата ќе се реализираат пленарни предавања, тематски панели и дискусии посветени на религијата и современите конфликти, религискиот национализам, миротворството, човековите права, културната дипломатија и улогата на религијата во современото општество.
Настанот се организира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филозофскиот факултет во Скопје, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Општина Тетово и други институционални партнери.

