Против осомничениот сторител е формиран предмет за кривично дело убиство со умисла, што денеска беше доставен до Основното јавно обвинителство во Ханија, по што ќе следуваат предвидените судски постапки, информираше директорот на полицијата во Ханија Канелос Николау за убиството на 45-годишната Гркинка, кое го стори и призна 43-годишен македонски државјанин.
Николау, заедно со генералниот полициски директор на Крит, Георгиос Ду̀кис, денеска излегоа со детали околу истрагата за расчистување на убиството на Ставрула Левендаки објаснувајќи дека станува збор за исклучително сложен случај, бидејќи исчезнувањето на жената било пријавено на 8 јуни 2026 година, а истрагата утврдила дека таа исчезнала уште на 30 мај, со што полициските активности започнале речиси десет дена по нејзиното исчезнување, „што дополнително ја отежна истрагата и создаде сериозни предизвици во пронаоѓањето и обезбедувањето на важни докази“.
Соочен со непобитните докази што беа собрани, обвинетиот го призна делото и на полицајците им го укажа точното место каде што го пренел и скрил телото на жртвата, на приватна земјоделска парцела во областа Ватилакос кај Ханија. Веднаш беше организирана операција за истрага на посочената локација, во присуство на форензичар и специјализирани екипи. За време на ископувањето, беше пронајдено телото на жртвата, закопано во земја, завиткано во повеќе кеси и врзано со пластични стеги, целосно потврдувајќи го доказите собрани во текот на предистражната постапка, објасни директорот на полицијата во Ханија и додаде дека за денеска е закажана обдукција на телото со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Зад убиството стои 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие, а бил потстанар во куќата на убиената и последниот кој ја видел, со што во изминатите денови беше и главниот осомничен. Според информациите, тој во претходните денови негирал поврзаност, па дури и давал изјави за медиумите префрлајќи ја вината врз други лица.
Во однос почетокот и текот на истрагата, Николау објасни дека особена тежина била дадена на процената и проверката на сведочењата со детална реконструкција на хронологијата на настаните, при што почнале да се издвојуваат суштински противречности во изјавите на потстанарот. Полицајците паралелно анализирале голем број видеоматеријал од безбедносни камери, а клучна била истрагата во домот на сторителот од каде што биле откриени дамки од крв на различни места.
Генетскиот материјал изолиран од трагите беше идентификуван како женски и преку споредбена анализа со примероци од родителите на исчезнатата, со исклучително висок степен на сигурност произлезе дека припаѓа на Ставрула Левентаки. Комбинираното користење на сведоштвата, телекомуникациските податоци, резултатите од криминалистичката истрага, лабораториските ДНК анализи и видео-материјалот ѝ овозможи на полицијата да формира целосна, кохерентна и целосно поткрепена доказна рамка, информираше директорот на полицијата во Ханија.
Обвинетиот уште од петокот вечерта е уапсен и задржан во полиција во рамки на друга кривична постапка што се однесува на незаконско одгледување насад со канабис и предвидено е утре да биде изведен пред надлежниот истражен судија.
Генералниот полициски директор на Крит Георгиос Ду̀кис, нагласи дека беше расчистена „особено тешка истрага за исчезнување, која, како што на крајот се покажа, претставувала кривично дело“.
Пораката е јасна: ниту еден криминал не останува без истрага. Ниту еден сторител не може да биде над законот и правдата, порача Дукис.

