Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледуваат амандманите поднесени на Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, кои се во второ читање.
За Предлог-законот за судска служба се поднесени повеќе од 100 амандмани од пратеничките групи на СДСМ, Европскиот фронт и Левица, додека за Предлог-законот за јавнообвинителска служба се доставени 27 амандмани од СДСМ.
Од СДСМ соопштија дека по консултации со синдикатите и претставниците на судската и јавнообвинителската служба поднеле вкупно 82 амандмани. Од нив, 55 се однесуваат на Законот за судска служба, а 27 на Законот за јавнообвинителска служба. Дополнително, најавени се и 19 комисиски амандмани.
Според партијата, предложените законски решенија можат да ја загрозат независноста на судството и да ја влошат положбата на вработените во правосудниот систем.
Од друга страна, заменик-министерот за правда Ален Деребан истакна дека двата предлог-закони се резултат на долгогодишна подготовка, јавни консултации и усогласување со актуелната законска рамка и реформските приоритети на државата.
Тој нагласи дека законските текстови биле изработени пред една година и ставени на јавна расправа преку ЕНЕР, при што биле земени предвид забелешките и предлозите од институциите, стручната јавност и другите засегнати страни.
Деребан посочи дека по донесувањето на новиот Закон за административни службеници и склучувањето на колективните договори за вработените во судовите и јавните обвинителства, било неопходно дополнително усогласување на законските решенија. Притоа, како што нагласи, ниту едно стекнато право на постојните вработени нема да биде загубено.
Според него, новите законски решенија предвидуваат современ систем за управување со судската и јавнообвинителската служба, со јасни и транспарентни правила за вработување, напредување и оценување, како и механизми за подобрување на професионалниот развој и мотивацијата на кадарот.
Предлог-законите денеска ќе бидат разгледувани и на седница на Законодавно-правната комисија.
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Африм Гаши, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи, ќе одржи неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за актуелните активности во законодавниот дом.

