Вишиот суд во Белград ги осуди Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето кое уби девет врсници и чувар во училиштето и повреди уште шест други, во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, на повеќегодишни казни затвор.
Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор за кривично дело занемарување и злоставување малолетно лице и тешко дело против општата безбедност, додека Милјана Кецмановиќ е осудена на две години и 11 месеци затвор за кривично дело занемарување и злоставување малолетно лице.
Тоа е втора првостепена пресуда, против која обвинителството и одбраната имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Белград.
Објавувањето на пресудата за обвинетите родители на малолетното момче К.К., кое изврши масовно убиство на 3 мај 2023 година во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, беше најавено за денеска претпладне во Вишиот суд во Белград.
На 10 јуни, главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, му предложи на Вишиот суд во Белград да ги прогласи Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на тогаш 13-годишното момче кое уби девет ученици и едно лице од обезбедувањето, а повреди уште пет ученици и наставничка по историја, за виновни и осудени на максимална казна.
Во својот завршен збор на судењето, Стефановиќ изјави дека за двајцата обвинети родители „има исклучително отежнувачки околности“ и дека нивниот син не може да биде кривично одговорен поради неговата возраст во времето на кривичното дело, поради што законот „им става посебна одговорност на родителите, како лица кои имаат законска и морална должност да го надгледуваат, воспитуваат и насочуваат детето“.
За Владимир Кецмановиќ, обвинителот предложи единствена казна од 14 години и 11 месеци затвор, а за Миљана Кецмановиќ, мајката на момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“, предложи казна од три години затвор.
Судењето беше повторено бидејќи Апелацискиот суд во ноември лани ги прифати жалбите на одбраната и го поништи делот од пресудата со кој се осудуваа Владимир и Милјана Кецмановиќ поради битно кршење на одредбите од кривичната постапка. Потоа предметот беше вратен во првостепен суд на повторно судење.
Притворот на Владимир Кецмановиќ беше продолжен до донесување нова пресуда, додека Милјана Кецмановиќ се бранеше од слобода.
Владимир Кецмановиќ е обвинет за тешко кривично дело против општата сигурност и занемарување и злоупотреба на малолетно лице, додека Милјана Кецмановиќ е обвинета за занемарување и злоупотреба на малолетно лице, додека таа беше ослободена од обвинението за нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи.
Апелација во Белград претходно му ја намали казната на Немања Маринковиќ, инструктор во стрелачкиот клуб Партизан каде Владимир Кецмановиќ го однел својот син на вежбање за стрелање. Казната му е намалена од една година и три месеци на една година домашен притвор.
Повторната постапка против родителите почна кон крајот на јануари, и на барање на обвинителството, беше затворена за јавноста со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на оштетените страни. Со одлуката на судот, изнесувањето на завршните зборови беше јавно.

