Опозициската СДСМ преку прес-конференција на Маја Борозан упати сериозни критики до актуелната власт во однос на менаџирањето со социјалните политики и животниот стандард на најранливите категории граѓани во државата.
Од партијата потенцираат дека ранливите групи се оставени без соодветна институционална заштита, соочувајќи се со секојдневни бариери, недостаток на лекови и ниски примања кои не ги покриваат основните месечни трошоци.
„Вистина е дека денес најтешко живеат граѓаните на кои државата треба да им биде најголема поддршка“ – пишува во соопштението.
Според Борозан, социјално-ранливите граѓани, самохраните родители, лицата со инвалидетет и со ретки болести, како и работниците со најниска минимална плата, моментално сами ја водат битката за достоинствен живот, покрив над глава, сметки и училишни трошоци.
Како одговор на овие состојби, партијата ја промовираше својата нова социјална програма со која се предвидуваат низа системски промени и финансиски олеснувања за граѓаните.
„СДСМ во платформата „Твоја држава,твоја шанса“, нуди Сојуз за достоинство – систем на вистинска, сеопфатна и активна поддршка на граѓаните на кои што им е најпотребна“ – стои во партиското соопштение.
Меѓу клучните мерки се предвидува воведување на државен додаток за домување и целосно покривање на трошоците за градинка за самохраните родители. Во делот на работничките права, се најавува автоматско усогласување на минималната плата со инфлацијата и просечната плата.
За лицата со попреченост се планира национален план за целосна пристапност до јавните објекти и државно финансирање на асистентите, додека за пациентите со ретки болести се предвидува посебен фонд со цел здравјето да не зависи од административни процедури. Програмата вклучува и итно домување за жртвите на семејно насилство, како и отворање современи центри за ментално здравје.

