Едно лице е убиено, а друго е рането во престрелка која во текот на вчерашниот ден се случи во болница во градот Вилмингтон, во американската сојузна држава Делавер.
Полицијата соопшти дека за нападот е осомничен 23-годишен маж, исто така вработен во здравствената установа. Според американските медиуми, тој бил лоциран и приведен неколку часа подоцна во Филаделфија.
Од полициската станица во Вилмингтон веднаш излегоа со првични оцена за безбедносната состојба во околината по инцидентот.
„Нашата прелиминарна истрага утврди дека ова бил целен, изолиран инцидент“, соопштија полициски службеници.
Шефот на локалната полиција, Вилфред Кампос, потврди дека едно лице им подлегнало на повредите, но истакна дека истражните тимови во оваа фаза нема да споделуваат детали за здравствената состојба на ранетото лице, ниту пак ќе го соопштат идентитетот на починатиот. Тој порача дека се работи на целосно документирање на случајот.
„Без оглед на мотивот, никогаш нема изговор за насилство и никогаш нема изговор за насилство со оружје. Нашите истражители ќе работат неуморно за да го уапсат осомничениот и да го изведат пред лицето на правдата“, рече Кампос.
Властите предупредија дека сите информации во моментов се прелиминарни и подлежат на промени како што напредува истрагата на терен. Смртоносниот напад експресно го осуди и гувернерот на Делавер, Мет Мејер.
„Секој жител на Делавер заслужува да се чувствува безбедно, без разлика дали е дома, на училиште, на работа или додека бара нега во болница. Денес е отрезнувачки потсетник дека никој не е имун на последиците од насилството со оружје“, рече тој на прес-конференција.
Раководството на болницата преку официјално соопштение на својата веб-страница веќе информираше дека објектот е целосно отворен и оперативен за пациентите по пукањето, упатувајќи јавна благодарност до итните служби за нивната брза реакција.

