Close Menu
Press24
    Најново

    Сиљановска – Давкова: Историјата е дел од нашиот идентитет, не можеме да ја ревидираме на барање на некој друг

    13.06.2026 во 14:33

    Брза интервенција спречи трагедија: Маж извлечен од Вардар од очевидец кој видел дека се дави, пренесен е во болница

    13.06.2026 во 14:27

    Уапсени двајца охриѓани бидејќи натепале свој сограѓанин

    13.06.2026 во 14:23
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Сиљановска – Давкова: Историјата е дел од нашиот идентитет, не можеме да ја ревидираме на барање на некој друг
    • Брза интервенција спречи трагедија: Маж извлечен од Вардар од очевидец кој видел дека се дави, пренесен е во болница
    • Уапсени двајца охриѓани бидејќи натепале свој сограѓанин
    • 45-годишник заврши зад решетки – полицијата му најде бела прашкаста материја
    • Реконструиран локалниот пат Мршевци – Дељадровци
    • Николоски: Голем инженерски проект со 5 тунели, 12 мостови, 2 галерии, за кој ќе докажеме дека сме подготвени да го градиме
    • Израел нареди евакуација на 20 градови и села во јужен Либан
    • Лихвари од Струмица, искористувајќи ја тешката финансиска состојба на повеќе лица, им земале „дебели“ камати
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Сиљановска – Давкова: Историјата е дел од нашиот идентитет, не можеме да ја ревидираме на барање на некој друг

    Сиљановска – Давкова: Историјата е дел од нашиот идентитет, не можеме да ја ревидираме на барање на некој друг

    13.06.2026 во 14:337 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Мојата перцепција за Европа, за членство, не е на зелената маса да блокирате некој друг. Напротив, да креирате заеднички политики или да му помогнете на тој другиот да седне до вас, за да можете полесно да ги надминете проблемите кои ви се заеднички. Но, повторно велам, ние, како и досега, некако сме исклучок. Но, не поради нашата себеисклученост во поглед на многу прашања, туку поради тоа што некој друг сега има забелешка на нешто што е само наше – историја, идентитет. Треба да разговараме, нема проблем да разговараме. Меѓутоа, не можеме ние да ревидираме историја на барање на некој друг, истакнува претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во мега интервјуто за МИА, што го објавуваме во два дела.

    – Сите такви чекори, кога не извирале решенијата од овде, не биле граѓански консензус, не биле трајни решенија, туку само оставале простор или охрабрувале некои други да поставуваат нови прашања. Јас се надевам дека сепак, ако проблемот не е само билатерален, туку е, како што слушаме, проблем со Европската Унија, дека има тука решенија. Јас многупати велам дека и политичката креативност – иако не е уметност на можното, понекогаш не познава граници – не се работи само за нас. Се работи за принципите и вредностите на Европската Унија, додава претседателката.

    Таа смета дека во политиката има усогласување, а во историјата нема. – Значи ги политизираме историчарите. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Се разбира дека не треба да имаме во читанките навреди, не треба да имаме несоодветни зборови, говор на омраза, меѓутоа не можете вие да ревидирате историја бидејќи историјата е дел од нашиот идентитет. Лошо е да живеете во историјата, ама да ја имате предвид историјата – тоа е нешто нормално. Секој народ има право на своја историја, на читање на историјата по свое. Не е добро ако вие живеете во историјата, вели Сиљановска – Давкова.

    Претседателката се осврнува на последната посета на Бугарија, каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, како и средбата со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова, на кои, секако, како што вели, дојде на дневен ред и нашето прашање.

    – Се разбира дека штом ние спомнеме евроинтеграција, приказната веднаш почнува со уставните измени и со протоколите. Пазете, уставни измени за почеток на преговори. Такво нешто немало. Членство – имало пред членство, ама уставни измени за да почнете преговори… Особено по она интересно прашање на еден претходен референдум – „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО?“, не „Дали сте за почеток на преговори?“, „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО?“. Приказната европска има сериозни проблеми, а многу чудно е што доаѓаат од нвите членки на ЕУ, од соседите, вели претседателката Сиљановска – Давкова.

    Одењето во Бугарија го оценува како добро, бидејќи, како што вели, поводот беше извонреден: свест, регионална свест, Југоисточна Европа, за потребата од заедничко чекорење во европеизацијата, градење добри односи со соседите, помагање на соседите. – Дури и ние, ми се чини, се радувавме кога Бугарија и Романија влегоа, иако имаше забелешка, особено на битката со корупцијата и криминалот. Зошто? Со надеж дека, па, кога соседот влегува, сигурно дека ќе посака и ние подоцна да се приклучиме, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.

    На прашањето за односот на опозицијата кон бугарското вето, особено по признанието на Софија дека промената на Уставот не е единствениот услов за преговори, таа вели дека тоа е многу интересен феномен, редок, бидејќи имало проблеми при зачленувањето понекогаш или најчесто од територијален карактер, меѓутоа не постои евроинтеграциски процес во којшто сите граѓани во една држава, без оглед на етничка, верска, односно партиска припадност, не зборувале во еден глас кога се однесувало на националните интереси. „Ние и тука сме специфични. Јасно е зошто, бидејќи уште во процесот на преземањето на обврските, клучните обврски на коишто сега се повикуваат за извршување, имало длабоко неразбирање. Јас паметам какви протести имавме. Но, во една не многу транспарентна постапка, без вклучување не само на опозицијата, туку и на граѓаните, биле носени одлуки коишто се од темелно значење за нашиот идентитет и за нашата држава. За такви одлуки е потребен консензус“, рече Сиљановска – Давкова.

    Таа посочува дека „самата Европска Унија, формирањето и проширувањето е една филозофија или еден систем на мека моќ, притоа истакнувајќи дека ветото не е мека моќ, туку најголем непријател на меката моќ.

    Во однос на говорот на омраза од бугарски граѓани кон Македонците во Бугарија, претседателката вели дека нема потешко и пострашно од говорот на омраза. – Ние не сме најчестите клиенти кога се во прашање правата на бугарското малцинство во Стразбур, туку Бугарија е. Замислете вие, членка на Европската Унија којашто не мисли дека треба да ги спроведе пресудите од Стразбур. И јас затоа го поздравувам ставот, решеноста на генералниот секретар на Советот на Европа за заострување на односот на Советот на Европа кон членките на оваа најстара институција, кога се во прашање пресудите од Стразбур, вели Сиљановска – Давкова.

    Што се однесува до нон-пејперот што го иницираа германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Макрон, во пресрет на Самитот на ЕУ-Западен Балкан, претседателката вели дека тоа што кажала дека сака да почека нешто што не е хартија да стане вистински документ се покажало дека не било случајно, оти многу брзо потоа видовме и една иницијатива на неколку држави, повторно во поглед на прашањата што беа третирани во предлогот на Мерц и Макрон. – Значи, тоа е она од што се водев. Јас не гледам – и мислам дека ниту една држава не гледа на ваквиот модел како на замена и статус на членството во Европската Унија – но во овие времиња-невремиња, важно е да бидете присутни на пазарот, истакна претседателката.

    Претседателке, завчера се вративте од Софија, каде што учествувавте на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, од каде што порачавте дека процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми. Политичките позиции за уставните измени остануваат непроменети. Дали овој наш став наидува на разбирање?

    Зависи кај кого наидува на разбирање и зависи како го разгледуваме, дали изолирано или низ призма на принципите и вредностите на ЕУ, ама и низ призма на принципите и на вредностите на современите демократии, па ако сакате, и принципите и вредностите на кои се темели македонската парламентарна демократија. Неодамна… годинава ми се чини, почина познатиот втемелувач, бранител, филозоф, ако сакате, на социјалдемократијата, Ентони Гиденс, и тој е познат не само по социјалдемократските ставови, туку е познат и по синтагмата уставен патриотизам. Не случајно. Ние, наместо уставен патриотизам, честопати се одметнувавме или префериравме не само уставен релативизам, туку дури и уставен нихилизам.

    Зошто? Несоодветно однесувајќи се кон законот на законите, кон највисокиот закон секаде, ама и кон најсуштинската општествена повелба меѓу граѓаните. Општествен договор, да кажам, што би рекол Жан-Жак Русо. Доказ? 36 амандмани, повеќето од нив иницирани од надвор. Прашањето е сега дали суверенитетот при промените имавме предвид дека извира од граѓаните и им припаѓа ним бидејќи обично сите преамбули ова го изразуваат и со првата реченица од преамбулата „Ние, народот…“. Изгледа кај нас е „Ние, народот и меѓународната заедница“ или „Ние, народот и Европската Унија“ или… Но, зборуваме за Устав. И јас затоа секогаш потенцирам дека припаѓам, мислам дека е многубројна групата на конституционалисти, кои кога ги читаат темелните извори или уставните извори на Европската Унија, се разбира дека ги читаат не само низ призма на… не само низ очите на членките на ЕУ туку и низ очите на кандидатите, кандидатите за кандидати бидејќи, нели, тие треба европеизирани да отвораат поглавја, кластери или да бидат веќе со европски капацитет кога ќе влезат внатре. И затоа велам дека, еве и пред мене се, дека не може европскиот конституционализам да опстои ако не ги почитува сопствените вредности, значи членот 2 на договорот за ЕУ, кој повикува на почит на дигнитетот, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските. Тоа е нешто што е врзано директно за Копенхашките критериуми од 1993 година. И, всушност, на овој член се повикува членот 49 од договорот за ЕУ кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички туку и правен услов за членство. Уште поважен можеби и порелевантен за нашиот случај е членот 4, став 2, нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула на национален идентитет бидејќи јасно се вели дека Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите членки, ама ова членки, се разбира, дека значи не само на тие внатре туку сигурно и на оние што сакаат да влезат внатре.

    Прочитај повеќе

    Брза интервенција спречи трагедија: Маж извлечен од Вардар од очевидец кој видел дека се дави, пренесен е во болница

    13.06.2026 во 14:27

    Уапсени двајца охриѓани бидејќи натепале свој сограѓанин

    13.06.2026 во 14:23
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.