Нов пристап кон аграрот кој предвидува поголема поддршка за македонското село и модернизација на производството, најави денеска Симона Цветановска од СДСМ. Таа презентираше низа мерки насочени кон зголемување на вредноста на домашните производи и привлекување на младите во овој сектор.
Од партијата соопштија дека планираат директни финансиски инјекции за преработувачки капацитети и воведување на национален бренд.
„Обезбедуваме неповратни грантови за сушари, преработувачки капацитети и модернизација на производството – за производите да добијат поголема вредност уште во местото каде што се произведуваат. Наместо да извезуваме анонимни производи, ќе создаваме препознатлив македонски бренд што носи поголема заработка за производителите. Државата го плаќа брендирањето на земјоделските производи као „Македонска Био-Приказна“, нагласи Цветановска.
Посебен акцент во новата програма се става на сточарството преку дефинирање на заштитни цени, како и на воведувањето на нови технологии.
„Праведно е сточарите да имаат сигурност и предвидливост во своето производство. Затоа предвидуваме механизам за загарантиран приход по грло добиток, кој не смее да падне под реалните трошоци на производство. Планираме директни грантови за автоматизирана опрема за молзење и системи за хранење“, изјави претставничката на ИО на СДСМ.
Таа заклучи дека целта е младите земјоделци да се трансформираат во современи агро-претприемачи, со што ќе се обезбедат повеќе приходи и сигурност за македонското село.

