Една од најубавите плажи во Грција, популарната Наваџо на островот Закинтос, ќе биде целосно затворена за посетители во текот на целото лето од безбедносни причини, објавува британскиот медиум „The Sun“.
Плажата која редовно се рангира меѓу најубавите на светско ниво, ќе остане недостапна за туристите сè до 31 октомври поради висок ризик од лизгање на земјиштето.
Познатиот залив, препознатлив по атрактивниот бродолом, ќе биде целосно затворен на брегот, а туристите ќе можат да го видат единствено од точката за набљудување која се наоѓа на карпите високо над плажата.
Локалните власти спроведоа нова проценка на ризикот во оваа област по инцидентот што се случи минатата недела, кога американски турист падна од карпа и се здоби со повреди.
Според информациите на „FTN News“, одроните на камења и честите поместувања на земјата во моментов ја прават плажата крајно небезбедна за капачите.
За да се спречи каков било пристап на луѓето до заливот, на сите приоди што водат до него веќе се поставени голем број бариери кои ќе останат таму во текот на целата летна сезона.
Медиумот „Б92“ потсетува дека ова не е првпат да се покренува прашањето за безбедноста на оваа локација. Уште во 2018 година, плажата беше накратко затворена откако дел од карпата се сруши и повреди неколку туристи.
Дополнително, во септември 2022 година, земјотрес со јачина од 5,4 степени предизвика големо свлечиште, што ги принуди локалните власти целосно да ја блокираат плажата за одреден период.
Засега нема официјални најави дали плажата ќе биде повторно отворена на 31 октомври или пак забраната за пристап ќе биде продолжена и по тој датум.

