Во изјава за медиумите по повод една година од преземањето на функцијата министер за здравство, Азир Алиу посочи дека во изминатиот период е поставена нова насока во здравствениот систем – систем кој планира, мери, дигитализира и реагира.
Тој нагласи дека пред една година ја презел одговорноста за раководење со Министерството за здравство во период кој, како што рече, не дозволува брзи и лесни решенија.
„Здравството е еден од најсложените и најчувствителните системи во државата, каде секоја слабост ја чувствува пациентот, секоја одлука има човечка тежина, а секое одложување значи изгубено време за некого“, истакна Алиу.
Министерот посочи дека во системот постојат наследени проблеми, меѓу кои недоволна организација, нерамномерна достапност на услуги, недостаток на кадар, застарена инфраструктура и работење со фрагментирани и хартиени податоци.
„Целта не беше да се создава впечаток дека сè е решено, туку да се тргне од реалната состојба и проблемите да почнеме да ги решаваме системски“, додаде тој.
Алиу истакна дека започнат е процес на дигитална трансформација, при што пациентите повеќе нема да носат документација од една до друга установа, туку податоците ќе го следат пациентот, а системот ќе им помага на лекарите во носење побрзи и побезбедни одлуки. Тој се осврна и на воведувањето транспарентни листи на чекање, како дел од, според него, фер пристапот до здравствените услуги.
Говорејќи за телемедицината во Дебар и Делчево, министерот истакна дека целта е специјалистичката здравствена услуга да биде подостапна за граѓаните во оддалечените региони.
Тој потенцираше дека се работи и на јакнење на регионалните здравствени центри преку инвестиции во болниците во Штип, Тетово, Кичево, Струмица, Битола и други градови, како и преку набавка на нови амбулантни возила и реконструкции на болнички капацитети.
„Здравството не може да биде концентрирано само во Скопје. Пациентите мора да добијат услуга поблиску до местото на живеење“, рече Алиу.
Посебен акцент, како што наведе, е ставен и на здравствените работници, преку подобро кадровско планирање, нови специјализации и подобри услови за работа.
Осврнувајќи се на јавноздравствените политики, тој го спомена и предлог-законот за заштита од употреба на тутун и сродни производи, кој, како што рече, е насочен кон заштита на здравјето на граѓаните.
Алиу се осврна и на теми како онкологија, трансплантација, органодарителство и третман на дебелина кај децата, нагласувајќи дека тие бараат континуирана институционална одговорност.
„Не сме на крајот на реформата, туку во фаза кога системот се поставува на нови основи“, истакна министерот, додавајќи дека целта е здравство кое е дигитално поврзано, кадровски планирано, инфраструктурно зајакнато и насочено кон пациентите.

