Во Собранието денеска ќе заседаваат комисиите за образование, наука и спорт, за локална самоуправа, за еднакви можности на жените и мажите, за европски прашања и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт е Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (II фаза).
Комисијата за локална самоуправа ќе разгледува Предлог за изменување и дополнување на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за периодот 2021-2031 година.
Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе одржи две седници, вклучувајќи јавна расправа за имплементација на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, како и јавна расправа за Нацрт-Националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство за периодот 2026-2033 година.
На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог-закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, во прво читање.
Денеска Собранието ќе ја започне 104. пленарна седница, на која ќе се разгледуваат повеќе точки од дневниот ред.

