Евроамбасадорот Михалис Рокас посочи дека во моментов сè уште е рано да се предвиди конечниот исход од заедничкиот француско-германски нон-пејпер кој беше презентиран на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.
Тој ја даде оваа оценка за време на денешниот заеднички увид со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во градежните работи на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога – Лемос.
- Разговорите во Тиват сè уште течат и сè уште не можам да кажам кој е конечниот исход од нон пејперот на Макрон. Мислам дека ова е обид да се отстрани администрацијата за да се забрза процесот и да се олесни со тоа што постапно ќе се воведуваат сите подготовни постапки за пристапување на Западен Балкан во Европската Унија – изјави евроамбасадорот Рокас.
Содржината на француско-германскиот документ, објавен од медиумите, бара од Европската комисија да подготви предлози за етапна интеграција на земјите кандидати, вклучувајќи и привилегиран пристап до единствениот пазар врз основа на реформскиот напредок.
Документот носи наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“, каде се нотира дека проширувањето останува меѓу највлијателните политички алатки на Унијата.
- Но на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштеме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија – се наведува во текстот.

