Грчките погранични власти ќе имаат можност привремено и делумно да го суспендираат новиот ЕЕС систем за пасошка контрола и да вршат регистрација на патниците без земање биометриски податоци доколку се создадат големи сообраќајни метежи. Оваа отстапка првично важи до 8 јули годинава, со солуција автоматски да биде продолжена до 6 септември 2026 година, со цел да се обезбеди нормален проток на возила на копнените гранични премини.
Информацијата произлегува од официјалните писмени одговори на пратенички прашања кои ги достави заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, по честите реакции во јавноста и километарските колони кои се создаваат на преминот Евзони. Според европската регулатива, иако новиот биометриски систем за државјани од трети земји е задолжителен и комплетно ги замени печатите во пасошите, сепак оставена е безбедносна кочница за кратенка на процедурите во шпицот на сезоната.
„Согласно регулативата, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања на лицата што подлежат на регистрација, меѓутоа до 6 септември 2026 година, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај од таков интензитет што времето на чекање на граничните премини станува прекумерно, постои можност за делумно суспендирање на употребата на ЕЕС (регистрација во системот без земање биометриски податоци). Оттука, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрацијата во системот на сите преминувања, дури и кога не се земаат биометриски податоци, при што остануваат оперативно достапни сите алтернативни процедури предвидени во член 21 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226“, пишува во одговорот од заменик-министерот од 27 мај.
Дополнително, во соопштението на грчката полиција уште на почетокот на минатиот месец беше потврдено дека официјална Атина будно ја следи состојбата на терен и ги користи сите правни механизми за да спречи колапс на патниот туризам.
„Во овој контекст се нагласува можноста што Регулативата 2025/1534 на ЕУ им ја дава на земјите членки, во текот на првите три месеци од целосното функционирање на ЕЕС, привремено да ја суспендираат постапката за земање биометриски податоци за ограничен временски период и на конкретен граничен премин, кога тоа е неопходно за повторно воспоставување на нормалниот проток на патници“, пишува во соопштението од грчката полиција.
Заменик-министерот Ламбропулос во своите одговори детално појаснува дека на копнените премини нема да бидат поставени автоматизирани киосци за саморегистрација на патниците, туку полицијата ќе работи со преносна опрема во кабините. За справување со метежот, веќе се набавени таблети и мобилни станици за пасошка контрола кои треба да го забрзаат процесот.
„Се појаснува дека, согласно првичната процена на потребите на овие гранични точки, не е предвидено поставување автоматизирани станици за биометриска регистрација (Self Service Systems/Kiosks). За покривање на зголемените и вонредните потреби на копнените гранични премини, обезбедени се преносни технички решенија, односно преносливи станици за пасошка контрола (portable solutions), како и преносливи уреди за вршење пасошка контрола (таблети – handheld solutions)“, посочено е во одговорите на пратеничките прашања.
Во меѓувреме, притисокот врз грчката Влада расте бидејќи Хотелиерската федерација на Грција веќе испрати остар допис до надлежните министерства, предупредувајќи дека новите биометриски контроли веќе создаваат огромни застои и негативни впечатоци кај туристите кои доаѓаат по копнен пат. Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, исто така призна дека добил сериозни поплаки за ЕЕС системот од неговите колеги од Северна Македонија и Србија, лоцирајќи го проблемот и во застарената инфраструктура на грчките граници.

