Осумнаесетгодишно момче го загуби животот, а уште три лица се повредени во вооружен инцидент што се случил веднаш по завршувањето на матурската прослава во средно училиште во градот Ферфилд, северно од Сан Франциско.
Локалната полиција реагирала на повикот за помош околу 19 часот и 15 минути по локално време, откако во станицата пристигнала дојава за истрели на училишниот паркинг.
Меѓу ранетите во престрелката има и едно 11-годишно дете, како и двајца помлади мажи на возраст од 20 и 25 години, кои веднаш биле пренесени во болница.
Според информациите од училишната област Ферфилд-Суисун, крвавиот настан се случил по церемонијата на дипломирање во средното училиште „Сем Јето“, кое го дели истиот кампус со средното училиште „Ферфилд“.
Очевидци за медиумите раскажуваат дека на паркингот во тој момент имало голем број ученици со нивните семејства и пријатели кои се фотографирале, по што одеднаш настанало паника и луѓето почнале масовно да бегаат.
Истражните органи соопштија дека истрагата на терен е во тек, детали за можниот осомничен сè уште не се објавени, но засега нема информации кои укажуваат на нова непосредна закана за безбедноста на заедницата.

