Филипче да престане да работи против македонските национални интереси. Ова денеска го порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста.
-Венко Филипче не ги брани македонските позиции и македонските интереси, туку упорно ја застапува агендата која целосно им одговара на официјална Софија и на бугарските интереси. И покрај тоа што Македонија се соочува со постојани негирања на својот национален идентитет, јазик и историја, Филипче секојдневно настапува како портпарол на политиките на Бугарија кои бараат нови отстапки од македонска страна, без никакви гаранции и без никаква извесност за европската иднина на државата. СДС и Венко Филипче не нудат визија, не нудат план и не нудат решенија. Единствената политика на СДС и Филипче е слепо прифаќање на сите барања кои доаѓаат однадвор, без притоа да покажат минимум достоинство и грижа за државните интереси, велат од партијата.
Додаваат дека Филипче продолжува да ја пласира истата реторика која со години ја слушаме од бугарските власти дека Македонија мора безусловно да попушта, а Бугарија не мора да направи ниту еден чекор кон почитување на македонскиот народ и неговите права.
-Наместо да се бори за подобра преговарачка позиција на Македонија, Филипче упорно се бори за спас на сопствената политичка кариера. Токму затоа секој негов јавен настап е исполнет со истите пораки, истите флоскули и истите притисоци врз македонскиот народ. Време е Венко Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Македонија ќе оди напред само со политики кои ги штитат државните и националните интереси, а не со политики кои служат на туѓи агенди. Граѓаните заслужуваат политичари кои ќе ја претставуваат Македонија, а не политичари како Филипче кои ќе ги оправдуваат позициите на другите држави, велат од партијата.
Додаваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена кон европскиот пат, но тој пат треба да биде базиран на принципи а самиот процес да е кредибилен и предвидлив.

