Голем дел од млечните производи кои се продаваат на домашниот пазар покажуваат сериозни отстапувања во составот во споредба со она што е наведено на нивните официјални декларации.
Според неофицијалните резултати од направените лабораториски анализи, кај повеќе млекари е утврдено намалено количество на млечни масти и протеини, а во еден случај е детектирано и присуство на растителни масти.
Кај мешаниот кашкавал на млекарата „Милком“, наместо декларираните 34.5% млечни масти, анализите покажале 30%. Слично отстапување е нотирано и кај мешаното сирење на млекара „Маврово“, каде се из измерени 17.5% масти, иако на декларацијата стои 24.5%.
Сериозни разлики во параметрите се пронајдени и кај производите на млекарата „Сентис АГ“ од Тетово. Нивното УХТ млеко има 2.85% млечни масти наместо декларираните 3.2%, а протеините изнесуваат 3% наместо запишаните 3.5%. Исто така, киселата павлака на овој производител содржи 14% млечна маст, иако по декларација е наведено дека треба да биде 18%.
Проблеми со составот се евидентирани и кај козјото сирење на млекарата „Ѓорѓиеви“, каде анализите измериле 16.3% млечна маст (декларирани 23%) и 14.6% протеини (декларирани 18.8%). Кај Тетовската млекара, мешаното сирење покажало 19.8% млечна маст, наспроти декларираните 23%.
Кај увозните производи, драстична разлика е воочена кај Златиборското ситно сирење од млекарата „ПК Златибор“ од Србија, каде наместо 14.3% млечна маст, лабораторијата измерила само 1.19%. Кај урдата на „Бела фарм“ се пронајдени 5.54% млечни масти, иако на пакувањето е наведена вредност од 25%.
Кај брендот за кравјо сирење на „Млекара-Продукт“, млечната маст изнесува 11.4% наместо 15%, додека протеините покажале повисока вредност, односно 15% наместо декларираните 12%.
На крајот, анализите покажале дека млечната павлака со пиперка од млекарата „Норд милк“ е позитивна на присуство на растителни масти, што е во спротивност со карактерот на чист млечен производ.

