Меѓународниот парламент за толеранција и мир ги надминува националните парламентарни агенди и ги обединува пратениците околу универзални вредности како мирот и толеранцијата. Неговата основна цел е да ја поттикне човечката одговорност во спречувањето на насилството, унапредувањето на разбирањето и заштитата на човековото достоинство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средба со учесниците на 14-тата пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир (IPTP), што се одржува во Собранието под покровителство на претседателот на законодавниот дом Африм Гаши.
„Во свет во кој ѕидовите често се градат побрзо од мостовите, оваа платформа нè потсетува дека мостовите остануваат најхрабрата архитектура на политиката“, истакнала таа.
Како што соопштија од нејзиниот кабинет, претседателката оценила дека домаќинството на ваков меѓународен парламентарен форум претставува големо признание за Собранието и државата. Темата на сесијата, „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во креирањето и донесувањето политики за иднината“, ја оценила како особено значајна во актуелниот глобален контекст.
Сиљановска-Давкова нагласила дека парламентарната дипломатија и интерпарламентарниот дијалог се важни демократски инструменти поради директниот легитимитет на пратениците, кои произлегуваат од граѓаните како носители на суверенитетот.
Таа укажала и на значењето на одржувањето на вакви настани во услови на криза на делиберативната демократија, нарушена рамнотежа меѓу властите, растечки конфликти и ослабени мировни иницијативи.
Обраќајќи се до учесниците, претседателката посакала отворена и продуктивна дебата, нагласувајќи дека толеранцијата не е пасивност, мирот не е молк, а парламентарната дипломатија не е протокол.
„Толеранцијата е активно почитување. Мирот е секојдневна работа. Парламентарната дипломатија е демократија што зборува преку границите“, порачала таа.
На сесијата учествуваат високи парламентарни претставници, сенатори и пратеници од повеќе земји, како и претставници на меѓународни парламентарни организации.

