Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати празнична честитка до граѓаните по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
Во својата порака, таа го нагласува нивното цивилизациско и обединувачко значење како заштитници на Европа и основоположници на писменоста.
„Почитувани сограѓани, Малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа! Такви се солунските браќа, творците на глаголицата, објавувачите на божјата вистина на старословенски јазик, втемелувачите на сесловенската историја, описменувачите и просветителите на словенските народи. Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство“, вели претседателката.
Сиљановска-Давкова потенцира дека токму јазикот и писменоста претставуваат клучна алатка за национално самоосвестување и трајно ослободување од незнаењето и потчинетоста низ вековите.
„Колку ли благодарни треба да им бидеме за сеуште живото и почитувано слово, без кое, ниту оние пред нас, ниту ние, не ќе можевме да ги разбереме богослужбените книги, ниту да читаме, учиме, пишуваме и твориме, односно да се просветуваме и просветлуваме. Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот. Впрочем, само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид“, стои во честитката.
Таа воедно потсетува на историскиот контекст на деветтиот век и заложбите на Светите браќа да му овозможат на словенскиот човек да твори на сопствениот јазик.
Како завршна порака, претседателката укажува дека во денешното време на длабоки поделби, општеството мора да се потпре на образованието, науката и заедничкиот вредносен систем за да изгради доверба.

