Околу 40.000 жители во американската сојузна држава Калифорнија добија итна наредба да ги напуштат своите домови по големо истекување на опасна хемиска супстанца.
Надлежните служби предупредуваат дека хемикалијата може да предизвика силна експлозија и да формира голем отровен облак над густо населеното подрачје.
Еколошкиот инцидент се случил во населено место во округот Оринџ, кој се наоѓа во јужните предградија на Лос Анџелес.
Според првичните информации, таму попуштил резервоар со капацитет од 26.000 литри во кој имало метилметакрилат – лесно запалива течна хемикалија што се користи за производство на пластика.
Претставници на противпожарната служба веднаш алармираа дека ситуацијата на терен е критична и може да доведе до сериозно загадување на почвата.
Началникот на полицијата во Гарден Гроув, градот каде што се случи хаваријата, Амир ел Фара, потврди дека евакуацијата опфаќа десетици илјади граѓани.
Тој дополнително додаде дека дел од локалните жители во зафатените зони сè уште одбиваат да ги напуштат своите домови и покрај опасностите.
До овој момент нема официјални податоци за жртви или повредени лица, а властите сè уште не ја соопштуваат точната причина за дефектот на резервоарот.
Специјализираните спасувачки тимови на терен забрзано работат на поставување на заштитни бариери околу местото на несреќата.
Главната цел е да се спречи отровната течност да навлезе во канализациските мрежи или во океанот, кој се наоѓа на само неколку километри од хаваријата.

