Одлуката на САД за повлекување на една оклопна бригада, односно околу 5.000 војници од Европа, нема да им наштети на одбранбените планови на Алијансата на континентот, изјави денеска врховниот командант на НАТО, Алексус Гринкевич. Тој се обрати во Брисел по состанокот со воените команданти на земјите членки на НАТО, каде што беа разгледани стратешките прилагодувања на сојузот.
Командантот појасни дека безбедносната архитектура во Европа се трансформира со поголем ангажман од самите европски држави.
Eвропските сојузници и Канада преземаат поголема одговорност за конвенционалната одбрана во Европа, додека американските капацитети континуирано се прилагодуваат.
Според неговите зборови, зајакнувањето на европскиот столб во рамките на сојузот му овозможува на САД да го намали своето присуство на тлото на Европа. Ова намалување значи дека САД во иднина ќе се ограничи главно на обезбедување на оние критични капацитети и способности кои сојузниците сè уште не можат сами да ги остварат. Инаку, оваа одлука следува откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп го најави повлекувањето на околу 5.000 војници кои се стационирани во Германија.

