Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати по повод 150-годишнината од кревањето на Разловечкото востание во селото Разловци, општина Делчево. Во својот говор, тој упати порака за зачувување на државата и повика на национално обединување околу државните интереси, нагласувајќи дека личните амбиции не смеат да бидат поважни од иднината на децата.
Мицкоски потенцираше дека Разловечкото востание не било само оружен отпор, туку почеток на будењето на народната свест и темел на револуционерната борба што подоцна прераснала во Илинден.
„Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас“, истакна премиерот.
Тој додаде дека народот премногу страдал за да дозволи лесно тргување со честа, идентитетот и историјата, и упати порака за внимателност во однос на внатрешните политички актери кои, според него, даваат отстапки зад затворени врати.
„Мора да се обединиме околу државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, рече тој во обраќањето.
На настанот се обрати и министерот за култура, Зоран Љутков, кој потенцираше дека јунаците на Разловци ја победиле тишината и дека без малите востанија немаше да постојат големите победи. Тој информираше дека за реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание се вложени околу 20 милиони денари.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, најави поднесување на граѓанска иницијатива со цел селото Разловци да биде заштитено како историска целина, а 19 мај да се прогласи за неработен ден. Чествувањето заврши со полагање свежо цвеќе од страна на бројни делегации пред реконструираниот Спомен дом.

