Владината коалиција ВЛЕН преку официјално соопштение упати сериозни обвинувања до Демократската унија за интеграција (ДУИ), тврдејќи дека партијата на Али Ахмети ги користи студентите и нивните барања за собирање на евтини политички поени. Според ВЛЕН, ДУИ се обидува преку манипулации да го сокрие фактот дека со децении не ги решавала реалните проблеми на Албанците во Македонија.
„ДУИ е распадната партија. Не може да се опорави од казната што Албанците ѝ ја испорачаа на избори. Затоа сега го прави истото што го правела секогаш кога ѝ гори под нозе. Го фрла каменот, па ја крие раката. По 20 години власт врз грбот на Албанците, со истите вечни фотелјаши на чело, оваа партија сега ги засука ракавите како очајна по власт. Како лицемери што се, заедно со неколку „студенти“ вовлечени во нивната валкана политичка игра, се обидуваат студентските транспаренти да ги користат како мамка за враќање на власт.“
Од коалицијата директно ги прозиваат високите партиски функционери на ДУИ, потенцирајќи дека прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик намерно било оставено нерешено во минатото, иако партијата ги имала сите клучни раководни позиции во државата.
„Бујар Османи, Arber Адеми, Блерим Беџети и целата нивна тајфа немаат гајле за студентите. Немаат гајле ни за албанскиот јазик… Правосудниот испит никогаш не се полагал на албански јазик, а тоа и самите го признаваат. Тогаш зошто не го решија кога имаа сè во свои раце? Зошто не го направија тоа кога имаа министри, пратеници, технички премиер, претседател на Собранието, директори и апсолутна власт? Затоа што не ги интересираше. Затоа што живееја во друг филм, во свет на луксуз, арамилак и агалук врз грбот на Албанците.“
На крајот од соопштението, од ВЛЕН ветуваат дека институционално ќе ги решат сите заостанати прашања кои со години се користеле само за политичка пропаганда.
„Ние јасно кажавме дека правосудниот испит на албански јазик, како и многу други прашања што ДУИ ги остави на пола пат, ќе ги решиме. Како што со закон го решивме прашањето на медресантите, кои тие со години ги лажеа, така ќе ги решиме и другите прашања што ДУИ ги користеше само за пропаганда. Затоа ги повикуваме искрените студенти да не дозволат да бидат топовско месо за Бујар Османи, Арбер Адеми, Блерим Беџети, Фатмир Бесими, Талат Џафери… На ДУИ времето ѝ истече.“

