Началникот на полициската управа во Белград, Веселин Милиќ, е лишен од слобода во рамки на полициската операција поврзана со исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја, соопштија српските надлежни служби.
Апсењето е извршено по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, а во акцијата учествувале припадници на неколку клучни сектори на српското МВР.
„Во продолжение на операцијата за разјаснување на околностите под кои исчезна Александар Нешовиќ Баја на 12 мај 2026 година, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на Управата за криминалистичка полиција, Службата за сузбивање на криминалот и Службата за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи на РС го лишија од слобода началникот на полициската управа во Белград В.М.“, се наведува во официјалното известување.
На првиот човек на белградската полиција веднаш му е одредена мерка притвор во траење до 48 часа. Тој се сомничи за сериозни прекршувања на законот со кои директно влијаел врз истрагата за исчезнатото лице.
Според обвинителството, мерката притвор е одредена „поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела Непријавување кривично дело и Сторител и Помагање на сторител по извршувањето на кривичното дело, во кој рок ќе биде изведен на распит пред вршителот на должноста јавен обвинител“.
Истрагата продолжува со цел да се утврди точната поврзаност на првиот полицаец на Белград со исчезнувањето на Нешовиќ и дали има и други инволвирани високи полициски функционери во овој случај.

