Истрагата против 25-годишниот Т.Б. од село Малотино, општина Старо Нагоричане, кој во јавноста е познат како првиот сериски убиец на жени во земјава, откри дополнителни четири кривични дела. Според новите сознанија, станува збор за уште две убиства и два обиди за убиство.
Обвинителот Љубомир Лапе на денешниот брифинг појасни дека овој случај има специфични карактеристики кои досега не се забележани во домашната судска практика.
„Се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол“, соопшти обвинителот Лапе.
Досегашните информации од полицијата и обвинителството потврдуваат дека осомничениот е жител на општина Старо Нагоричане. Истражните органи продолжуваат со прибирање докази за сите инволвирани случаи во кои на мета биле жени.

