Србија треба да остане посветена на преговорите за членство во Европската Унија, без оглед на предизвиците со Косово и притисоците за санкции против Русија, порача денеска потпретседателката на српското Собрание, Елвира Ковач. Таа нагласи дека актуелната геополитичка ситуација треба да послужи како мотив за побрзо спроведување на реформите.
Во изјава за РТС, Ковач посочи дека во моментов Црна Гора има најреални шанси за брзо зачленување во Унијата.
„Факт е дека проширувањето е меѓу приоритетите и сите знаеме дека тоа се должи на геополитиката и несреќната војна во Украина, но мора да бидеме искрени и дека Црна Гора има најголема шанса наскоро да влезе, која доби подготовка на пристапниот договор“, изјави Ковач.
Таа додаде дека по Црна Гора, најголеми шанси се очекуваат за Украина и Молдавија, додека кај Албанија има одредено одложување. Според неа, Србија мора да продолжи со усогласувањето со европските стандарди и покрај отворените политички прашања.
„Сето ова треба да биде дополнителен поттик за Србија да спроведе реформи“, рече Ковач.
Во однос на надворешната политика, Ковач призна дека Србија има помал степен на усогласеност поради прашањето со Русија.
„Србија има помал степен на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во споредба со другите земји-кандидатки, но целта е постепено да се зголемува тој процент“, објасни таа.
Ковач заклучи дека поради енергетската зависност и политичките причини, Србија останува на ставот да не воведува санкции кон Руската Федерација.

