Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека е подготвен да ги жртвува националните интереси за политички поени. Според него, СДСМ нема црвени линии кога станува збор за опстанокот на власт.
„Филипче постојано изјавува дека уште веднаш е подготвен за уставни измени, без гаранции дека за Македонија тоа би била последната пречка“, истакна Манасиевски.
Тој посочи дека Филипче го продолжува планот на Зоран Заев за, како што рече, „уништување на Македонија“, додворувајќи им се на странски агенди. Манасиевски нагласи дека претходните договори се доказ за штетните политики на претходната власт.
„Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, Францускиот предлог се еклатантни примери дека СДС беше подготвен да ја премине секоја граница на штета на македонскиот народ и државните интереси“, порача Манасиевски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, идентитетот и државноста не значат ништо за СДСМ, поради што партијата се соочува со голем пад на рејтингот и станува маргинализирана на политичката сцена.

