ВМРО изгуби над 150.000 гласови, затоа се обидуваат да го делат СДСМ преку некакви платформи, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчерашниот поткаст „Риштази“ на Коха.
Филипче посочи дека ВМРО, по падот на поддршката, се обидува да создаде поделби во СДСМ, но порача дека партијата се консолидира и расте.
„Поддршката на ВМРО сериозно паѓа. Тие веќе изгубија над 150.000 гласови. И затоа сега дополнително се обидуваат преку некакви платформи, некакви наши членови на СДСМ, коишто немаат никаква забелешка, ниту пак напад на владините политики, да се занимаваат со СДСМ. Сакам јавно и јасно да порачам, нема да им успее. Нема да дозволам да се формира нов ЗНАМ. Затоа што станува збор за уценети луѓе кои не знаат што да направат и ги слушаат директивите од Белата палата“, рече Филипче.
Тој додаде дека поддршката за СДСМ расте, дека сè повеќе членови се вклучуваат во партиските активности и потенцираше дека ќе ја врати власта во рацете на граѓаните.
„Луѓето сè повеќе се враќаат во партијата. Како млади луѓе, од коишто го формиравме антикорупцискиот тим, така и интелектуалци, граѓани итн. Има сè поголема поддршка и дебата за предлог-програмата којашто ќе ја промовираме на 7 јуни. Не само што СДСМ нема да ја снема, туку ќе ја освоиме власта, ќе ја вратиме во рацете на граѓаните, а криминалците од оваа власт, на чело со Христијан Мицкоски, нема да избегаат како Груевски, туку ќе одговараат“, потенцираше Филипче.

