Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изрази очекување дека Македонија ќе биде меѓу првите држави на кои ќе им биде овозможен роаминг во Европската Унија без дополнителни трошоци. Позитивни вести на оваа тема министерот најави за почетокот на јуни, на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Подгорица.
Андоновски смета дека земјата е подготвена да го потпише договорот за т.н. „роаминг како дома“ поради исполнувањето на законските предуслови.
„Има најава за почеток на преговори што е позитивен сигнал. Преговорите ќе се однесуваат на секоја земја поединечно и промената е таа што ќе се потпише специјален договор слично на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија со секоја од државите кандидати“, изјави денеска Андоновски.
Тој подвлече дека клучниот фактор за ваквата позиција е донесувањето на Законот за електронски комуникации.
„Позитивно е што ние ги исполнуваме условите со донесувањето на Законот за електронски комуникации и со тоа сме, да речеме, во групата којашто прва ќе почне преговори“, дополни министерот Андоновски за време на присуството на Третата регионална конференција на сметководители.

