Времето утре ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, додека во југоисточните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Во Скопје се очекува слично време – променливо облачно, а претпладне во делови од котлината ќе има услови за повремен дожд и слаб јужен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 10 до 24 степени.
Најтопло во земјава утре ќе биде во Гевгелија со максимални 26 степени, додека во Маврово температурата ќе достигне до 16 степени.
УХМР најавува дека во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Особено внимание се обрнува на крајот од работната недела и почетокот на викендот.
„Во петок и во сабота на повеќе места се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер“, соопшти УХМР.
Во однос на температурите, утринските ќе бидат во пораст, додека дневните до сабота ќе се задржат на пониско ниво. Веќе од недела се очекува стабилизација и пораст на максималните температури до 30 степени.

