Вицепремиерот Александар Николоски денеска од Охрид порача дека изградбата на катната гаража е клучна за развојот на градот и чаршијата. Објектот, кој се гради со поддршка од државниот Буџет, се очекува значително да го растерети паркирањето за туристите и охриѓани.
Николоски потенцираше дека Министерството за транспорт ја издало градежната дозвола откако биле вклопени сите потребни заштити.
„Беше предизикувачкиот аспект што требаше да се вклопат три различни заштити тука. Едната е секако генералната заштита на УНЕСКО, втората е заштитата на културното наследство и третата е архитектоинската заштита. Сите три се направија со поддршка на Општината, со поддршка на Завод и музеј Охрид, Министерството за култура и сите надлежни институции и финално во можност беше Министерството за транспорт да ја издаде градежната дозвола“, појасни тој.
Министерот изрази уверување дека со динамиката на работа на локалната самоуправа, проектот ќе биде ставен во функција веќе следното лето.
„Сум убеден дека со работата која што ја прави градоначалникот, веќе следната летна сезона тука ќе може да се паркираат и гостите, а секако и жителите на Охрид, како би се отворил еден пооголем простор и би можело да заживее уште повеќе чаршијата, што секако ќе значи економски бенефит за сите кои што живеат во Охрид“, додаде Николоски.
Градоначалникот Кирил Пецаков најави дека соработката со Владата продолжува и во иднина со нови проекти, нагласувајќи дека во Охрид во моментов се реализираат инвестиции од 15 милиони евра.

