Помина една недела од трагичниот настан во општина Кисела Вода во кој загина еден работник, а неколкумина беа повредени, но сѐ уште нема одговорност. Членот на ИО на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска упати сериозни обвинувања за спрега меѓу бизнисот и политиката.
Според Фрчкоски, молкот на институциите е доказ дека власта ги штити своите бизнис партнери.
„Градежната мафија на ВМРО-ОКГ во Скопје е опасна по живот ама никој ништо не и може. Трагедијата во Кисела Вода е последица на коруптивен систем во кој профитот е поважен од животот“, изјави Фрчкоски.
Тој директно ги посочи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и поранешниот функционер Ивица Коневски како клучни фигури во овој случај. Како инвеститор на објектот се јавува фирмата „Нар инвестмент“ на Коневски, кој истовремено бил ангажиран и како адвокат на Општината.
„Како е можно Коневски, кој истовремено ја ужива довербата на Општина Кисела Вода како нивен адвокат, истовремено да биде правен застапник на општината и главен инвеститор во нејзината територија? Ова е класичен пример на конфликт на интереси и институционална корупција“, обвини Фрчкоски.
СДСМ бара итна и независна истрага за случајот, проверка на сите дозволи за градба и утврдување на улогата на Ѓорѓиевски и Коневски.

