Кибербезбедноста денес е клучен фактор за отпорноста на државата и за функционирањето на економијата, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на бизнис-конференцијата посветена на новата регулатива за безбедност на мрежните и информациските системи, организирана од „Македонски телеком“.
Министерот истакна дека во ера на целосна дигитализација, отпорноста станува основа на трансформацијата, при што секој киберинцидент може да има системски импликации. Тој се осврна на новиот Закон за безбедност на мрежните и информациските системи, кој е усогласен со европската NIS2-директива, посочувајќи дека неговата суштина е надминување на фрагментираниот пристап.
„Со законот првпат поставуваме јасни линии на одговорност, дефинираме управување со киберризик и воспоставуваме рамка за координирано дејствување и во приватниот и во државниот сектор. Ова не го правиме само заради усогласување со европската регулатива, туку како суштинска институционална реформа“, рече Андоновски.
Најавувајќи ја имплементацијата на законските решенија, министерот информираше дека Министерството активно работи на зајакнување на националните капацитети, вклучително и воспоставување на владин центар за одговор на киберинциденти (GOV-CSIRT), кој со работа ќе започне во наредниот период.
„Законот сам по себе не е доволен. Неговата вредност ќе се мери преку имплементацијата, преку координацијата и преку способноста системот да функционира во реални услови“, нагласи Андоновски, додавајќи дека безбедноста треба да се гледа како предуслов за одржливост и развој.

