Јане Ченто денеска во 12:00 часот пред Основното јавно обвинителство ќе одржи прес-конференција на која ќе обелодени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител. Како што соопштија организаторите, пресот е почеток на процес за утврдување одговорност и расчистување на околностите во судскиот предмет поврзан со упадот во Собранието.
Во најавата за настанот се наведува: „Време е за вистинска правда и вистината за 27 април. Ве покануваме да присуствувате на прес-конференција која ќе се одржи на 27 април 2026 година во 12:00 часот пред Основното јавно обвинителство. На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р. и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката“.
Во име на сите опфатени со овој судски процес, обраќањето пред медиумите ќе го има Јане Ченто.
Потегот доаѓа само една недела откако Апелациониот суд го одби барањето за повторно судење на осудените за упадот во Собранието од 2017 година. Во одлуката на Апелација, која го потврди решението на Кривичниот суд од декември, се посочува:
„Жалбата е неоснована. Судот го ценеше жалбениот наод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа истиот не го прифати како основан, со оглед да образложеноро решението не содржи такви недсостатоци поради кои што не би можело да биде испитано во однос на неговата правилност и законитост, изреката на решението е јасна и разбирлива, а во образложението се содржани доволно причини за решителните факти и заземени правни ставови на судот“.
Потсетуваме дека Јане Ченто во 2019 година беше правосилно осуден на 13-годишна казна затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, во предмет кој го водеше судијката Добрила Кацарска.

