Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска на прес-конференција упати остри критики кон владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека на „шверцерски“ начин се обидува да направи измени во функционирањето на техничката влада. Според Филипче, овој потег е нетранспарентен и директно спротивен на постигнатиот политички консензус.
Филипче посочи дека спорните измени не се само технички, туку имаат за цел да ја ограничат работата на техничките министри.
„Повторно шверцерски се предлага и ќе се сака да се донесе измена во која што техничките министри нема да можат да си донесат свои посебни советници, туку може да изберат само советници од редот на постојните, значи од сегашните силно партизирани институции во рамките на министерството“, истакна Филипче.
Тој потсети дека техничката влада е резултат на широк меѓупартиски договор меѓу четирите најголеми партии и потенцираше дека таков механизам може да се укине или измени само со консензус, а не преку еднострани одлуки.
Лидерот на опозицијата предупреди дека државата се соочува со засилена партизација на институциите, споредувајќи ја актуелната состојба со периодот до 2016 година.
„Општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори, дополнително што овој следен циклус на парламентарни избори ќе биде прв којшто после 2016 година го организира актуелната власт“, заклучи Филипче, додавајќи дека СДСМ смета оти условите за фер изборен процес во моментов не се исполнети.

