Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска во Собранието упати остра процедурална реакција во врска со предлог-законското решение за укинување на техничката влада, кое се носи по скратена постапка. Тој оцени дека ваквиот начин на носење на законското решение е спротивен на воспоставените принципи и политичкиот договор.
Според Спасовски, техничката влада не е само обичен законски модел, туку резултат на широк политички договор меѓу четирите најголеми партии, постигнат со гаранции од меѓународната заедница.
„Ова законско решение што се предлага излегува од рамките на моделот и начинот на којшто е донесен Законот за Влада и е спротивно на договорениот пристап меѓу политичките партии“, истакна Спасовски.
Тој потсети дека решението за изборните циклуси и техничката влада првично било ограничено на изборите во 2016 година, но дека по барање на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година, истото било проширено со важност до влезот на државата во ЕУ. Спасовски посочи дека актуелните аргументи на предлагачот се во директна спротивност со барањата што истата партија ги застапувала пред неколку години.
Пратеникот на СДСМ предупреди дека Законот за Влада е дел од пошироката реформска агенда, во која влегуваат и изборниот законик и новиот кривичен законик. Тој смета дека брзањето преку скратена постапка ќе ги оневозможи квалитетните системски реформи.
„Нема потреба од брзање. Потребно е да се вратиме на форматот преку кој е донесено ова законско решение, со консензус и дијалог меѓу политичките партии“, порача Спасовски.

