Со сведочењето на Александар Јосифов, кој во периодот од 2017 до 2021 година ја извршувал функцијата главен секретар на Општина Кочани, денеска во „Идризово“ продолжи судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Јосифов пред судот говореше за начинот на функционирање на општинската администрација и инспекциските служби во критичниот период.
Клучен момент во неговото сведочење беше тврдењето дека во тој временски интервал, иако во општината дејствувале три инспекциски служби – комунална, за животна средина и градежен инспекторат, не постоела позиција раководител на инспекциските служби.
Сведокот појасни дека неговата улога како секретар била организациска и логистичка, како што е одобрувањето налози за користење на службени возила, но не и директна контрола врз работата на инспекторите. Според Јосифов, инспекторите самостојно ги изработувале своите планови и извештаи, кои потоа ги доставувале до градоначалникот.
„Комуникацијата со инспекторатите постоеше, но исклучиво како помош – на пример, обезбедување механизација за уривање, а не како контрола“, истакна Јосифов.
Тој додаде дека до 2019 година инспекциите доставувале извештаи до Советот, по што таа пракса престанала поради законски измени. Исто така, сведокот негираше дека до општината пристигнала каква било пријава за работата на дискотеката „Пулс“, ниту барање за пренамена или реновирање на објектот од страна на правниот субјект.

