Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола покрена истражна постапка против 54-годишен маж поради основано сомнение за тешки кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба и искористување на сопственото малолетно дете.
Според официјалното соопштение од Обвинителството, осомничениот се товари за две продолжени кривични дела: „Задоволување полови страсти пред друг“ и „Прикажување порнографски материјал на дете“, согласно Кривичниот законик.
Истрагата покажала дека злоупотребата се одвивала подолг временски период во текот на 2025 и 2026 година. Делата биле вршени во семејната викенд-куќа лоцирана во битолското село Облаково. Осомничениот татко редовно му прикажувал порнографски содржини на својот 10-годишен син и се самозадоволувал пред него. Дополнително, како што наведуваат од ОЈО, тој го наведувал и присилувал малолетното дете да ги гледа тие содржини и самото да се самозадоволува.
Поради тежината на кривичните дела, чувствителноста на случајот и опасноста од повторување на делото или влијание врз сведоците, надлежниот јавен обвинител веднаш доставил предлог до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола за одредување мерка притвор за 54-годишникот.

