Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати нови обвинувања до поранешниот премиер Зоран Заев и актуелното раководство на СДСМ, поврзани со контроверзниот ДУП во Тетово. Според Петрушевски, постојат сомнежи дека покрај наводниот поткуп од 4 милиони евра, за кој се зборува во аудио снимките, бил договорен и процент од продажбата на 2.000 станови.
„Ветено ли му било на Заев процент од продажбата на станбените единици кои прорускиот бизнисмен Дака требало да ги гради во Тетово, инвестиција проценета на 200 милиони евра? Дали токму затоа СДС и ДУИ, веднаш по формирањето на владата во 2020 година, го сменија ДУП-от за Дака да може да изгради бетонска џунгла?“, запраша Петрушевски на денешната прес-конференција.
Тој ги повика Венко Филипче и СДСМ да престанат со молчењето и да се оградат од Заев, додека од Јавното обвинителство побара итно да го истражи случајот и да се утврди каде завршиле парите.

