Власта свесно го блокира патот кон Европската Унија и нема намера земјата да ја внесе во ЕУ. Тоа е фактот и тоа е вистината. На Мицкоски му одговара да нема никаков надзор, му одговара да биде во земја која ја чувствува како своја приватна фирма, за да минуваат сите оние криминали и тендери за кои ние објавуваме“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во гостувањето на 24 Анализа.
Таа нагласи дека ваквата политика не е случајна, туку е свесен избор на власта за да може да се луксузира и да ги спроведува своите криминали и корупција.
„Дали е нормално во држава да се ставаат обвинители по сопствен избор? Дали е нормално 161 тендер да оди на семејна фирма? Дали е нормално инволвирање на институции на овој начин? Дали е нормално да поминуваат 5 тони дрога за која нема одговор? Дали е нормално да се менува обвинител за предмет кој треба да докаже институционално потфрлање за трагедијата во Кочани, како што бараат семејствата? Дали е нормално да се воведува цензура и да не се сака да им се излезе во пресрет на граѓаните и да им се покачат платите?“, потенцираше Кузеска.
Таа предупреди дека ваквиот пристап директно ја уништува перспективата на младите. „Денеска пораката која се испрати од премиерот е дека младите можат да чекаат и да чекаат до децении, но нема да влезат во Европската Унија“, нагласи Кузеска.
Таа потсети на лажните ветувања на ДПМНЕ, кое велеше дека ќе го врати името и поттикнуваше омраза кај граѓаните со лажен патриотизам.
„Освен што излажавте дека ќе го враќавте името, сега јасно покажавте дека не сте за Европската Унија, а ако некој клекна да моли, тоа е Мицкоски кој на колена молеше за власт“, порача Кузеска.
Портпаролката на СДСМ истакна дека граѓаните живеат тешко, едвај врзуваат крај со крај, цените растат секој ден, а платите не се покачуваат според потребите.
„Она што се случува во моментов, како воопшто мува да не ја лази на власта, граѓаните живеат претешко, едвај врзуваат крај со крај, цените растат секој ден во маркетите, а исто така платите. Власта ги понижи и ги потценува луѓето коишто дефинитивно очекуваа таа да го продолжи трендот на растот на минималната плата, како што направивме ние во времето на владеењето на СДСМ“, рече Кузеска.

