Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива по влажни коловози и во главно без пречки. Според извештајот на АМСМ, врнежи од снег се регистрирани на повеќе планински превои, каде веќе интервенирале дежурните екипи.
Снег паѓа на Стража, Буково, Ѓавато, Пресека, Маврово, Крушево и на Попова Шапка. На овие делници има мали остатоци од кашаста маса на коловозите. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е со умерен интензитет, а на граничните премини нема задржувања.
Од АМСМ упатуваат апел до возачите за поголема внимателност:
„АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.“
Ова предупредување особено се однесува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

