Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува и на тркалезната маса „A path for European enlargement“, во организација на „Пријатели на Европа“.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе оствари средби со еврокомесарката за проширување Марта Кос и со извршната потпретседателка на Европската комисија Роксана Минзату. Заедно со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, ќе се сретне и со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер.
Предвидени се и средби со пратеници во Европскиот парламент, како и брифинг со претставници на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на ЕУ.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, динамиката на пристапните преговори, секторската соработка со институциите на Европската Унија и други актуелни прашања од заеднички интерес.

