Очекуваниот животен век при раѓање во Европската Унија е во благ пораст и моментално изнесува 81,5 години,додека во Северна Македонија тој просек е понизок и изнесува 76,6 години. Најновите податоци на Еуростат и домашниот Државен завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и покрај падот предизвикан од пандемијата на ковид-19, животниот век кај населението постепено закрепнува.
Според податоците на Еуростат за 2024 година, просекот во ЕУ бележи зголемување од 0,1 година во однос на 2023 година, со што се надминати претпандемиските вредности од 2019 година (81,3 години). Во Македонија,според Статистичкиот годишник за 2025 година, очекуваниот животен век за периодот 2022-2024 година изнесува 76,63 години. Ова претставува раст од 1,3 години во споредба со претходниот период (2021-2023), кога земјава забележа сериозен пад на 75,32 години како директна последица од корона-кризата.
Жените живеат подолго од мажите Статистиката потврдува дека жените во просек живеат подолго од мажите,тренд кој е присутен и во ЕУ и кај нас. На ниво на Унијата, жените се очекува да живеат 84,1 години, а мажите 78,9 години – што е разлика од 5,2 години. Во Македонија, овој родов јаз изнесува 4,4 години (78,86 години за жените наспроти 74,48 години за мажите). Интересно е што во ЕУ овој јаз е најголем во Латвија (дури 9,8 години во корист на жените), а најмал во Холандија (само 2,8 години).
Шпанците живеат најдолго, Бугарите најкратко На регионално ниво во Европа, граѓаните на шпанскиот регион Комунидад де Мадрид се апсолутни рекордери со очекуван животен век од 85,7 години. Зад нив следат италијанските региони Тренто и Болцано, како и шведскиот Стокхолм (сите со по 85,0 години). На спротивната страна од табелата, меѓу петте европски региони со најкраток животен век, дури три се наоѓаат во соседна Бугарија, при што Северозападниот регион има просек од само 73,9 години.

