Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска ги демантираше тврдењата за кратење на средствата во Програмата за директни плаќања. Во гостувањето на ТВ 24, тој појасни дека износот од 98 милиони евра е стандарден почетен буџет, кој низ годините се движел околу 100 милиони евра.
Трипуновски направи споредба со претходните години, посочувајќи дека во 2020 и 2021 година програмите биле дури и пониски, односно изнесувале 70 и 60 милиони евра.
„Во 2024 година, кога сегашната Влада ја презеде одговорноста, беше наследена Програма донесена од претходната власт во износ од околу 98 милиони евра. Со ребаланс на Буџетот, износот беше зголемен на околу 115 милиони евра, а во декември беа обезбедени дополнителни средства, со што вкупната вредност достигна околу 137 милиони евра“, посочи министерот.
Тој појасни дека зголемениот износ во 2024 година бил неопходен за да се исплатат напластените долгови кон земјоделците оставени од претходното раководство.

