Автомобилската индустрија и енергетиката се меѓу клучните области во кои Македонија и Словачка можат дополнително да ја продлабочат економската соработка, при што постои значителен простор за проширување на деловните врски. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис-форум во Скопје.
Според Муцунски, форумот претставува добра платформа за директно поврзување на компаниите од двете земји и отворање нови можности за соработка.
– Нашиот приоритет не е само привлекување странски инвестиции, туку и зајакнување на извозниот капацитет на домашната економија, нагласи министерот.
Форумот се очекува да го отворат Муцунски и неговиот словачки колега Ладислав Каменицки, во присуство на бројни претставници на компании од Македонија и Словачка.

