На телевизија Канал 5 во емисијата „Само Вистина“ вечерва гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој на самиот почеток истакна дека ССМ за една година од Владата бара исполнување на барањата кои во изминатите седум години, за време на владеењето на СДС не биле испорачани.
„За една година се бара нешто коешто не било испорачано изминатите 7 години, имале доволно време СДС да ги зголемуваат платите, да ја зголемуваат минималната плата, за да сега синдикатите бидат помалку незадоволни. Кога СДС беше на власт и кога ја зголеми минималната платата на 18.000, со законска измена во договор помеѓу работниците и работодавачите, ја зголеми само минималната плата но не и другите плати, тогаш ССМ на нивно барање иницираше амандман којшто ние го поднесовме за зголемување на сите плати, тогаш ние од ССМ добивме пофални зборови“, рече Петрушевски.
Петрушевски објасни дека со доаѓањето на власт, Владата ги исполнила барањата на ССМ, со зголемувањето на платите во јавниот сектор, на здравствените работници, полициските службеници, социјалните работници, како и зголемувањето на платите за 11.000 вработени во администрацијата.
„Таа обврска којашто сме ја презеле ние како тогашна опозиција за разлика од другите опозициски партии, ние штом дојдовме на власт ги испорачавме тие барања на ССМ. Линеарното зголемување на вработените во јавниот сектор го направивме секаде, ги зголемивме платите во образованието со колективен договор каде што зголемувањето ќе биде од 40 до 60% во рок од 4 години, ги зголемивме платите во високото образование за 14%, здравствените работници исто така ќе добијат од 40 до 50% повисоки плати, полициските службеници добија 10% зголемување, социјалните работници добија 20% поголеми плати, вработените во СОЗР 30%, последниот договор со УПОЗ и САДУ околу 11 илјади вработени во администрација добиваат 40% поголеми плати“, објасни Петрушевски и додаде:
„Испочитувани се сите колективни договори коишто претходната власт ги потпиша на заминување и не ги почитуваше, во одбраната, во културата и сите други институции. Ние ги зголемуваме платите многу повеќе од она коешто тогаш беше барање на Трендафилов кога беше СДС на власт, сега одеднаш бара 12 илјади и прави протести и блокади каде што претходно не ги правеше. Дијалог се води на институционално ниво, затоа постои социо-економскиот совет каде што треба да седнат работниците и работодавачите, да се усогласат, да ги истакнат аргументите синдикатите кои се нивните барања“.

