Со наод на вешто лице и извршено пребарување во деловен објект, утврдена е тешка кражба на електрична енергија од трафостаница, соопштија од електродистрибуција.
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје.
Констатирано е:
– Противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција.
– Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини.
Преземени мерки:
– Направен е Записник за неовластено користење.
– Изготвен е Наод и мислење од овластено вешто лице.
– Поднесена е Пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР според член 235-а од КЗ.
– Изготвена е Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари“, стои во соопштението од електродистрибуција.

